MKinformer

your daily dose of news

Скопјанка нападната од глутница кучиња на кејот

08/02/2026 19:51

Скопјанката Сања Николовска Најдовска преку објава на социјалните мрежи сподели вознемирувачко сведоштво за напад од глутница бездомни кучиња, кој, како што наведува, се случил рано наутро на скопскиот кеј.

Според нејзиниот фејсбук статус, инцидентот се случил во вторникот, на 3 февруари, околу 4:30 часот, кога излегла да трча пред работа. Нападот се случил на дел од кејот во близина на хотелот Палас.

„Најпрво ми се приближија неколку кучиња и почнаа да лаат, а за кратко им се придружија уште десетина. Се обидов да ги избркам со викање, но не успеав. Едно од нив ме гризна, а другите ми го попречија патот“, пишува таа.

Во објавата дополнува дека во паника почнала да трча назад, но нападот продолжил. „Трчав и ме гризеа околу пет минути, сè додека не се сопнав и паднав“, наведува Николовска Најдовска.

Таа истакнува дека добила угризи на седум места по телото, по што случајот го пријавила во полиција. По интервенцијата на службите, била пренесена на Ургентен центар, а тетанус вакцина примила во болницата 8 Септември.

Во своето сведоштво апелира до надлежните институции системски да се реши проблемот со бездомните кучиња, нагласувајќи дека по настанот чувствува страв да се движи сама низ градот.

Во објавата се означени и надлежните институции, меѓу кои Агенција за храна и ветеринарство, Град Скопје, ЈП Лајка, како и општините Општина Центар и Општина Карпош, со порака вакви случаи да не се повторат.

error: Содржината е заштитена од копирање !!