Временска прогноза: УХМР најавува дожд и заладување
09/02/2026 10:26
Денеска (9 февруари) времето во Македонија ќе биде облачно, со повремени врнежи од дожд, кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, каде се очекува да наврнат над 15 литри дожд на метар квадратен, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Поради продор на постуден воздух, врнежите од дожд локално ќе преминуваат во снег, особено на планините и на некои повисоки места. Ќе дува слаб до умерен ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните ќе достигнат од 5 до 11 степени.
Времето во Скопје
Во Скопје се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, со слаб до умерен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до околу 3°C, а максималната ќе достигне до околу 8°C.
Какво ќе биде времето оваа недела?
Според УХМР, и во текот на неделата ќе има нови врнежи и заладување, со повремен дожд, а на планините и на повисоките места снег. Од денеска е можна и појава на магла во одредени котлини, како и умерен, повремено засилен ветер.




