MKinformer

your daily dose of news

Маѓар: Ако Нетанјаху влезе во Унгарија ќе биде уапсен

20/04/2026 23:01

Ако Нетанјаху влезе во Унгарија ќе биде уапсен, порача победникот на парламентарните избори и иден премиер Петер Маѓар, најавувајќи дека земјата повторно ќе се приклучи кон Меѓународниот кривичен суд.

Со оваа изјава, Маѓар јасно стави до знаење дека новата власт ќе биде подготвена да ги спроведува налозите за апсење што ги издава Судот во Хаг. Тоа се однесува и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. За кого МКС во 2024 година издаде налог за апсење поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Маѓар најави пресврт по Орбан

Досегашниот премиер Виктор Орбан минатата година најави повлекување на Унгарија од МКС. Тоа дојде откако го прими Нетанјаху во Будимпешта, иако за него веќе имаше активен налог од Хаг.

Повлекувањето требаше да стапи во сила на 2 јуни. Но, по изборната победа, Маѓар најави дека неговиот тим веќе ја разгледува можноста тој процес да биде запрен.

Покана за Будимпешта но и јасна порака

Израелските медиуми објавија дека Маѓар имал телефонски разговор со Нетанјаху и го поканил во Будимпешта на 23 октомври. Станува збор за датум кога се одбележува 70-годишнината од востанието против Советскиот Сојуз.

На прашањето дали во тоа има противречност, Маѓар рече дека поканата не била исклучок, туку дека истата практика ја применил и со други лидери. Но истовремено подвлече дека ако Нетанјаху влезе во Унгарија ќе биде уапсен доколку земјата повторно биде дел од МКС.

Членството во МКС носи обврски

Маѓар нагласи дека правилата се јасни. Ако една земја е членка на Меѓународниот кривичен суд, тогаш секое лице за кое има потерница мора да биде уапсено ако влезе на нејзина територија.

Тој порача дека не мора сè да се кажува по телефон и дека секој шеф на држава или влада треба да ги познава тие закони.

Нова фаза за Унгарија

Новата власт во Будимпешта најавува пошироки промени. Маѓар веќе повика на оставки од претседателот Тамаш Шуљок и од највисоките судии, а го претстави и идниот владин тим.

Конститутивната седница на парламентот е најавена за 9 или 10 мај. Новата влада би можела да ја преземе функцијата веднаш потоа.

Крај на 16 години власт на Орбан

Партијата Тиса на Петер Маѓар оствари убедлива победа на изборите и стави крај на 16-годишното владеење на Виктор Орбан. Со тоа, Унгарија влегува во нов политички период, а односот кон меѓународните институции и обврски веќе станува едно од првите големи прашања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!