MKinformer

your daily dose of news

Народот кука за сиромаштија, а троши милиони на интернет и во кладилници

15/07/2026 21:45

Сиромаштијата не ѐ секогаш празен паричник, понекогаш е празниот систем на вредности

Во Македонија веќе со години слушаме една иста приказна. Народот е сиромашен. Нема пари. Платите се мизерни. Потрошувачката кошница е прескапа. Владата и синдикатите се расправаат дали вистинската кошница е една или друга, дали недостигаат 1000 или 2000 денари, како тоа да е суштината на проблемот.

А потоа ќе прочитате две бројки што како шлаканица ве враќаат во реалноста.

Македонските граѓани потрошиле 226 милиони евра на интернет купување, а во кладилници и казина околу 850 милиони евра годишно.

И тогаш човек не може, а да не се запраша:

КОЈ КОГО ОВДЕ ЛАЖЕ?

Не, не велам дека во Македонија нема сиромашни. Има. Има луѓе кои чесно работат и едвај го преживуваат месецот. Пензионери кои бројат денари пред каса. Семејства што се откажуваат од основни потреби.

Но тие не се луѓето што ги полнат казината. Тие не оставаат стотици милиони евра на рулет, спортска прогноза или виртуелни автомати. Не тие секој втор ден чекаат курир со нов пакет купен затоа што бил „на попуст“.

Да престанеме еднаш засекогаш да се криеме зад зборот „сиромаштија“ како универзално оправдување.

Имаме сериозен проблем со приоритетите.

Народ што тврди дека нема пари, а кафулињата му се полни. Народ што се жали дека нема за живот, а секоја кладилница е преполна уште од рано наутро. Народ што вели дека нема за леб, а секој месец троши милиони на работи без кои сосема нормално може да живее. Тој народ е сам виновен, а не системот или политичарите.

Најлесно е вината секогаш да се бара кај политичарите. Да, тие носат огромна одговорност. Но не можеме секоја лична неодговорност да ја претвориме во политички проблем или дека системот не бил во ред.

Системот не ве тера да ја оставите дневницата во казино.

Системот не ви ја внесува картичката во интернет продавница.

Политичарот не ве убедува дека мора секоја година да купувате нов телефон, брендирана облека или работи што по една недела веќе нема да ви се интересни.

Тоа се лични избори.

И додека не признаеме дека дел од проблемот е и во нас, ќе продолжиме да се вртиме во ист круг.

Особено лицемерно звучи кога истиот човек што вчера оставил пари во кладилница, денес ќе објаснува како државата му е виновна што нема пари до крајот на месецот.

Не, не е секогаш виновна државата.

Понекогаш виновен е човекот што не знае да направи разлика помеѓу потреба и желба.

Најголемата трагедија не е што Македонија има ниски плати.

Најголемата трагедија е што со години ја негуваме културата на жалење и кукање, наместо културата на одговорност.

Секогаш некој друг ни е виновен.

Владата. Опозицијата. Газдите. Трговците. Банките. Европа. Америка.

Само никогаш ние.

А вистината е сурова: држава во која стотици милиони евра се трошат на коцкање, додека сите се колнат дека немаат пари, има проблем што ниту една потрошувачка кошница нема да го измери.

Не можеш истовремено да тврдиш дека си жртва на сиромаштијата и доброволно да финансираш индустрија што живее од туѓите слабости.

Не можеш постојано да бараш повисоки плати, а да молчиш за сопствените финансиски навики.

И не можеш секоја криза да ја објаснуваш со политиката, ако секојдневно носиш одлуки што дополнително те осиромашуваат.

Можеби затоа вистинската потрошувачка кошница не треба да мери само колку чини животот.

Треба да мери и колку нè чини нашата неодговорност.

Затоа што најголемата сиромаштија не е кога немаш пари.

Најголемата сиромаштија е кога упорно одбиваш да признаеш каде ти исчезнуваат парите.

Пишува
Борислав Стоилковиќ

error: Содржината е заштитена од копирање !!