Сто и петнаесет години од раѓањето на Мајка Тереза – светицата на бедните
26/08/2025 9:03
Мајка Тереза, родена како Гонџа Агнеза Бојаџиу во Скопје, е еден од најсветлите ликови на XX век и симбол на хуманоста. Нејзиниот живот беше целосно посветен на сиромашните, гладните и болните, а нејзината мисија остави неизбришлив белег врз милиони луѓе ширум светот.
Во 1950 година ја основа католичката заедница „Мисионерки на љубовта“ во Калкута, Индија, која денес брои над 5.000 сестри и управува со повеќе од 600 мисии во 133 држави, со школи, болници, народни кујни и прифатилишта.
Мајка Тереза потекнувала од семејство со силна вера и традиција. Од најрана возраст ја учела важноста на љубовта, пожртвуваноста и солидарноста. Во младоста била активна во црковната заедница „Срце Исусово“, каде пеела, пишувала и се изразувала уметнички, но уште тогаш во себе носела повик за монашки живот.
На 18-годишна возраст заминува прво во Ирска, а потоа во Индија, каде на 23 мај 1929 година започнува својот монашки живот. Неколку години подоцна го зема името Тереза, во чест на света Тереза од Лисје.
Целиот свој живот го минува меѓу најсиромашните во Калкута, каде станува позната како „светица на бедните“. За нејзината работа добива бројни признанија, меѓу кои и Нобеловата награда за мир во 1979 година.
Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута, по што беше организиран величествен државен погреб на кој присуствуваа светски лидери, претседатели и монарси. На 4 септември 2016 година, папата Франциск ја прогласи за светица на Католичката црква.
Денеска нејзиниот гроб се наоѓа во Калкута, во куќата на „Мисионерките на љубовта“, а нејзиното дело продолжува да инспирира милиони луѓе низ целиот свет.
Во 1980 година Мајка Тереза беше прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје.






